На Кина и треба вода, па затоа тргнува во потрага на решенија за проблемот со кој се соочува. Кинеската корпорација за аеровселенски науки и технологии (CASC) почна со изработка на колосален систем за „масивни промени на времето“.
Кина преку CASC е подготвена да ја тестира најновата технологија за контрола на времето, со која се надева дека во иднина ќе може да ги зголеми врнежите за околу 10 милијарди кубни метри годишно. Засега нема доволно информации за ефикасноста на „системот за правење дожд“, но некои кинески весници пишуваат дека властите имаат во план изградба на десетици илјади системи во тибетските планини, кои треба да создадат дожд на површина од околу 620.000 квадратни милји, или трипати поголема од територијата на Шпанија. Системот ќе користи посебно цврсто гориво кое ќе согорува и ќе создава сребрен јодид. Оваа супстанција е опишана како средство за „сеење“ облаци со дожд со кристална структура слична на мразот. Системот ќе биде лоциран на стрмни гребени каде доминираат азиските монсуни. Ветрот што ќе стигне до планината ќе се сврти нагоре, земајќи ги специјалните честички во облаците за да предизвика дожд.
Податоците во реално време од 30 метеоролошки сателити кои ги следат монсуните во Индискиот Океан ќе ги насочуваат секојдневните операции на системот. Терестријалната мрежа, исто така, ќе користи и други методи за “сеење” дождливи облаци – преку беспилотни летала, авиони и топови – за да го максимизира ефектот на системот.
Иако концептот не е нов, Кина е првата земја која се обидува да го имплементира на таков размер.
Поврзани артикли