Се сеќавате на меѓуѕвездениот астероид што минатата година помина низ нашиот сончев систем? Па, како и сè во овој наш прекрасен универзум, и овој астероид има потекло и приказна зад себе.

Според најновите истражувања нашиот интересен посетител наречен Оумуамуа доаѓа од бинарен ѕвезден систем или систем со две ѕвезди.

Сигурно кога ќе се спомне бинарен ѕвезден систем одма ви текнува на Татуин, домот на Лук Скајвокер, еден од најпознатите џедаи во Војна на Ѕвездите. И, после оваа прекрасна дигресија, продолжуваме понатаму.

Модели користени во најнова студија, покажуваат дека бинарни ѕвездени системи веројатно исфрлуваат астероиди и комети на меѓуѕвездени траектории со исто темпо.Тоа, се разбира е различно од нашиот сончев систем.

„Навистина е чудно што првиот објект кој би го виделе, а доаѓа надвор од нашиот сончев систем, би бил астероид, бидејќи многу полесно би било да се забележи комета, а тука е и фактот дека еден сончев систем исфрла многу повеќе комети од астероиди”, се вели во соопштението на Алан Џексон, еден од авторите на новата студија.

Голема е веројатноста дека оваа „вселенска краставица” била избркана од својот домашен систем кога планетите во тој систем почнале да се формираат, што веројатно се случило пред милијарда години. Новата студија, исто така, покажува дека составот на астероидот укажува дека тој доаѓа од бинарен ѕвезден систем со „релативно жешка и масивна ѕвезда”, бидејќи таквите ѕвезди би имале ваков карпест материјал во нивна близина, се вели во соопштението.

Оттогаш астероидот лутал сам низ универзумот, се до моментот кога научниците од опсерваторијата Халеакала во Хаваи го забележале како прелетува низ нашиот мал дел од космосот.

Ова откритие го одбележа првиот меѓуѕвезден астероид забележан од научниците, иако истражувачите проценуваат дека низ нашиот сончев систем секоја година поминува по еден ваков карпест посетител.Научниците брзо ги вперија телескопите кон Оумуамуа за да се обидат да дознаат што е можно повеќе за него пред засекогаш да нè напушти. Некои истражувачи дури и го скенираа астероидот во потрага по знаци на живот, но изгледа не пронајдоа ништо. Можеби Оумуамуа не е испратен од вонземјани, но барем научниците сè уште откриваат сè што можат за него додека го составуваат неговото комплицирано минато во длабоката вселена.

„Исто како што ги користиме кометите за подобро да го разбереме формирањето на планетите во нашиот сончев систем, можеби овој чуден објект ќе ни каже како се формираат планетите во други системи” , рече Џексон.