Можеби на прв поглед изгледа како мала светла точка, небитна на небото полно со ѕвезди, но научниците тврдат дека на новата слика на вселенскиот телескоп Хабл се наоѓа најдалечната ѕвезда некогаш забележана.

Тимот кој работеше на ова истражување вели дека светлото кое може да се забележи на сликите припаѓало на ѕвездата MACS J1149+2233 Lensed Star 1, или поедноставно наречена Икарус.

Според научниците, во моментот на снимање на оваа фотографија ѕвездата Икарус била оддалечена повеќе од 9 милијарди светлосни години оддалечена од Земјата. Икарус сега е многу пооддалечена од нашата планета и многу веројатно е дека умрела, оформувајќи црна дупка или пак неутронска ѕвезда.

„Светлото од ѕвездата доаѓа многу одамна, отприлика на ¾ од времето кое е поминато од Големата експлозија. Ѕвездата е повеќе од 100 пати подалеку од било која друга индивидуална ѕвезда која досега можевме да ја забележиме“, вели доктор Патрик Кели, главниот автор на истражувањето.

Ѕвездите кои се наоѓаат толку далеку од Земјата обично се многу тешки за забележување, освен ако не експлодираат и формираат супернова. Но, изгледа дека ѕвездите биле подредени (буквално) баш како што треба за да се дојде до ова откритие.

Сликата од оваа ѕвезда сосем случајно станала дел од истражувањето, бидејќи групата научници работела на истражување на супернова наречена SN Refsdal, која се наоѓа во галаксија оддалечена повеќе од 9 милијарди години од Земјата. Тогаш, на фотографиите се појавило светло многу посилно од сите околу него, па научниците решиле да проверат што би можело да биде тоа.

Анализата на светлото покажа дека се работи за сина суперџиновска ѕвезда, редок тип на ѕвезда која е поголема од Сонцето и емитува поголема светлина. Добро познат пример на ваква ѕвезда е Ригел од соѕвездието Орион.