Модерниот и брз начин на живот, при кој секогаш е тешко да се пронајде малку време за себе и за она што нè радува, ги поттикнал Јапонците да ги поврзат двете работи што ги сакаат најмногу – традицијата и модерната технологија.
Така настанало БонсАИ, автономно подвижно растение со вградена вештачка интелигенција, што истовремено е растение, домашен миленик и животен тренер.
Не само што ќе ве следи во чекор благодарение на низа сензори и камери туку и ќе ве предупреди да го полеете кога е жедно, а ако се затекне во студено или во мрак, самото ќе „отиде“ на сонце. Ако се почувствувате осамени, секогаш можете да поразговарате со БонсАИ. Но, за разлика од другите растенија, ова ќе ви одговори.
Најмногу сака да одговара на прашања од типот „која е смислата на животот“ и своите одговори ќе ги поткрепи со цитати од познати мислители.
Како што истакнуваат од ТДК, јапонската компанија што го претстави овој концепт, БонсАИ е многу „мудро“ растение и бидејќи на сите им е познато дека дрвцето бонсаи живее подолго од луѓето, може да им дели и паметни совети на своите сопственици.
Ова симпатично дрвце доаѓа заедно со „паметниот“ сад што ги содржи сензорите во земјата (за да ги препознае промените во влажноста), камера (за полесно движење во просторот), ЛЕД-ламбички (за изразување емоции), звучник (за разговор со луѓето), жироскоп, акцелерометар и компас. Сите елементи се напојуваат со батерии скриени во садот, а кои се полнат без интервенција од човекот.