Иноваторот Елон Маск вели дека неговата Boring Company, која во моментов работи на два проекти со ископување тунели, ќе почне да продава камења кои ќе се користат како Lego коцки во природна големина.

На неговиот Twitter профил Маск вчера напиша дека Boring Company ќе почне да продава „камења кои ќе личат на Lego коцки во природна големина што ќе се употребуваат како цигли, а кои се останати од нивните проекти со ископување на тунели“.

Камењата кои Маск сака да ги продава, како што вели тој, ќе можат да се користат за градење скулптури или згради. Тие ќе бидат многу цврсти, но шупливи во средината, што значи дека ќе бидат лесни и погодни за употреба во градежната индустрија.

Првиот сет од овие камења – цигли тематски ќе се придржува кон Египет, односно кон египетската архитектура, и ќе биде инспириран од сфингите, пирамидите и храмовите на древните Еѓипќани.

Елон Маск исто така рече напиша дека овие цигли се направени на тој начин што една помала куќа може да биде изградена за еден ден. Ова е првата чудна работа која ја кажа, бидејќи веројатно и самиот знае дека брзината за градење куќи не зависи толку многу од обликот на градежниот материјал.

Тој од поодамна најави дека Boring Company бара начин да ја искористи земјата и природните ресурси кои ги ископува, па овој негов план и не е така неочекуван. Со оглед на претходните проекти, дури и логичен следен чекор е неговото влегување во градежната индустрија.

Посветеноста кон максимална ефикасност на Маск е навистина за воодушевување, но очекуваме да видиме дали неговата идеја може да биде успешна. Големите трошоци за транспорт на овие камени цигли до погонот каде ќе треба да бидат обработени и испраќањето на истите до купувачот може да биде најтешката работа со која Boring Company се има соочено досега, барем кога е во прашање буџетското работење.