Шпанската компанија „Ескудо веб“ покажа прототип на специјално развиен детски паметен телефон на Мобилниот конгрес во Барселона.

Уредот се нарекува „ФоунКид“ и неговата главна карактеристика е инсталираниот софтвер. Тоа е специјално модифицирана верзија на „Андроид“ која им овозможува на родителите строго да го контролираат однесувањето на нивните деца. Тие можат од далечина да користат апликација за активирање на различни режими на „ФоунКид“, па дури и да го променат главниот екран и да постават на него инструкции за детето.

Другите карактеристики се дека телефонот никогаш не може да биде исклучен, а истото важи и за ГПС позиционирањето. Децата, исто така, имаат посебно СОС копче за да им помогнат брзо да ги предупредат своите родители во критична ситуација.

Во моментов, „Ескудо веб“ се ​​уште бара хардверски партнер за својот проект, па „ФоунКид“ се уште е само проект кој може и никогаш да не се реализира во ваков вид.