Технолошкиот гигант Apple утре ќе одржи едукативен настан на кој би требало да бидат прикажани нови идеи за учители и ученици. Се очекува на овој настан да се појави и новиот, поевтин iPad, кој би требало да биде употребен како помагало во школските активности.
Apple го губи пазарот на образование од нивните конкуренти Microsoft и Google, па затоа смета дека со поевтин производ ќе успее повторно да се наметне на пазарот како најсериозен производител.
Новиот iPad би требало да чини околу 259 долари, а најпрво ќе почне со тест-продажба на американскиот пазар. Поевтината верзија на таблетот на Apple би требало да им донесе многу нови корисници, а од компанијата се надеваат дека овој производ ќе им се допадне доволно за да размислат дури и за користење на истиот во образовниот систем како замена за компјутерите во училниците.
Првичната идеја беше да се произведе поевтин MacBook, но падот на цената на таквиот производ, колку и да е голема, сепак нема да биде доволно ниска за да може да биде достапна за секого.
Од Bloomberg известуваат дека поевтиниот MacBook сепак е во изработка, но нема да биде пуштен на пазарот до наредната година. Неговата цена би требало да биде нешто пониска од моменталните 999 американски долари.