По скандалот со крадењето податоци, еден човек од Нов Зеланд откри дека Facebook не само што пристапува до податоците од нашиот именик и повиците, туку и со години ги чува тие податоци. Тој откри и дека Facebook со години преку телефоните со Андроид користи пристап до именикот и повиците на уредот и памeти кого го повикувал корисникот, кој му ѕвонел, од кој број, на кој датум и во кое време. Социјалната мрежа ги помни и пропуштените, па дури и повиците на кои не сте одговориле.

Од Facebook ја потврдија оваа приказна и нивен претставник истакна дека е сосема вообичаена пракса корисниците да му овозможат пристап на Facebook до нивните контакти и повици. Според компанијата, не е можно да се инсталира апликацијата, ако не ѝ бидат дозволени тие пристапи.

Facebook пристапува и до СМС пораките, но тоа се уште не е разјаснето до крај. Во одбрана на мрежата, портпаролот на компанијата истакна дека тие податоци се користат и чуваат за да се унапреди алгоритмот за препорака на пријатели во иднина.

Facebook на Андроид системот ги контролира сите повици и именикот, па и пораките, од верзијата Андроид 4.1 па се до крајот на 2017 година, кога е променет АПИ (Application programming interface), а со најновиот Facebook престанал со следењето на сите тие нешта. За жал, сите кои користат верзија на апликацијата која го нема најновиот АПИ и понатаму ги споделуваат со најголемата социјална мрежа сите свои податци за повиците, СМС-пораките и именикот.

Ова е уште еден удар по приватноста на корисниците и Марк Цукерберг повторно ќе мора многу нешта да им објаснува на корисниците.

Исто така, доколку се одлучите да го избришете профилот на Facebook, треба да знаете дека вашите податоци и понатаму ќе останат на серверот на компанијата и можат да бидат споделувани во рамки на условите за користење, на кои сте се согласиле при самото пристапување до мрежата.

 Извор: Mondo.rs