Со оглед на тоа што нема мотор и не создава бучава, SoFi совршено се вклопува во природниот подморски амбиент и не ги плаши рибите и другите морски организми.
Изгледа како риба и плива во морето исто како и останатите риби, но – не е риба. Научниците од „МИТ“ направија и успешно тестираа роботска риба – Soft Robotic Fish, односно SoFi, робот кој во иднина на научниците ќе им открие бројни тајни на подморскиот свет.
„Ова е магична риба“, изјави Даниела Рус од лабораторијата за наука и вештачка интелигенција при „МИТ“ која што го води овој проект. Таа открива дека SoFi рибата доаѓа со хидраулична пумпа која што ја мрда опашката на рибата од едната страна на другата, имитирајќи ги движењата на рибите.
Во внатрешноста на рибата, покрај хидраулична пумпа се наоѓа и мал компјутер базиран на „Линукс“, камера и батерија каква што може да се најде во паметните телефони и овозможува „пливање“ на SoFi околу 40 минути.
Роботот е претежно направен со помош на 3Д принтер, па производството не е скапо. Конечната цел која што „МИТ“ сака да ја постигне со овој робот е развој на инструменти кои што на биолозите ќе им помогнат во проучувањето на океанот и животот во него, без воопшто да го вознемират „животинскиот морски свет“.