Извршниот директор и основач на Facebook се огласи по четири дена молчење

Извршниот директор и основач на Facebook, Марк Цукерберг денеска ги призна грешките и најави чекори кон подобра заштита на податоците на корисниците по скандалот со преземање на личните податоци на повеќе од 50 милиони корисници.

Цукерберг се огласи по четири дена молчење, забележуваат светските агенции. Тој на својот профил на Facebook напиша дека компанијата има „одговорност“ да ги заштити податоците на корисниците.

„Ако тоа не го можеме, тогаш не заслужуваме да ви бидеме на услуга“, истакна тој.

Цукерберг информира дека работел на тоа да сфати што точно се случило и како да се обезбеди тоа да не се случи повторно.

„Добрата вест е дека најважните чекори за спречување ова да не се повтори повеќе ги направивме пред неколку години. Но, ние исто така направивме грешки, има уште да направиме, и треба да засилиме и да го направиме тоа“, напиша тој.

Компанијата Facebook загуби околу 37 милијарди долари по скандалот со преземање на лични податоци на повеќе од 50 милиони корисници. Тоа ги исплаши инвеститорите па вредноста на акциите на Facebook падна за околу седум отсто.

Извршниот директор и основач на Facebook претрпе загуба од четири милијарди долари.