Следната година првпат луѓето повеќе време ќе поминат на интернет отколку гледајќи телевизија. Медиумската агенција „Зенит“ објави истражување во кое заклучува дека просечна личност дневно поминува 170,6 минути на интернет купувајќи, прегледувајќи вести и социјални мрежи, разговарајќи со пријатели, гледајќи видео и слушајќи музика. Според истите предвидувања, просечната личност ќе гледа телевизија 170,3 минути.

Во споредба со 2011 година, користењето мобилен интернет скокнало за 504 отсто, додека користењето интернет на компјутер се намалило за 8 отсто. Гледаноста на телевизијата паднала за 4 проценти. Аналитичарите тврдат дека следната година четвртина од интернет-сообраќајот ќе биде реализирана на мобилните уреди, што е сериозен раст за 5 отсто од 2011 година. Просечниот човек ќе помине 8 часа дневно консумирајќи медиуми, во една од неговите многубројни форми.

Вкупно, луѓето се изложени на различни медиуми околу 479 минути на ден. Ова вклучува, освен телевизија и Интернет, исто така и гледање филмови во кино, слушање на радио, како и читање на весници и списанија во физичка форма. На мобилните телефони се троши околу една четвртина од тоа време, а се очекува дека следната година тоа учеството ќе надмине 25%.

Во некои делови од светот телевизијата, сепак, ќе остане предводник. „Зенит“ даде претпоставки до 2020 година, а дотогаш претпоставуваат дека интернетот нема да ја претекне телевизијата во Европа, Латинска Америка и во цела Северна Америка освен САД.