Убедлива победа извојува Владимир Путин на претседателските избори што во неделата се одржаа во Русија и со тоа си обезбеди владеење со државата до 2024 година. Но, освен што се востоличи цврсто во Русија, Путин деновиве завладеа и на интернет просторот. Неговото име стана најбаран термин преку интернет-пребарувачот на „Гугл“.
Според истражување на „Би-би-си“, името на рускиот шеф е веќе вкоренето како едно од најбараните меѓу шефовите на држави. Британскиот медиум истражувал и кои се најзастапените фрази и прашања што се користат во контекст на рускиот претседател.
Така, меѓу најпоставуваните прашања е „Дали Владимир Путин… е женет“. Одговорот на ова прашање повеќе наликува на шпекулација, отколку на реален податок. Во низата шпекулации стои и тоа дека тој е во врска сo поранешната гимнастичарка Алина Кабаева.
Според клучните зборови што се користат при пребарувањето на „Гугл“, високо на листата од прашања во врска со рускиот претседател е: „Дали Владимир Путин е.. богат?“.
Вистинскиот одговор на ова прашање, како што пишува „Би-би-си“ е дека годишните примања на Путин се од 81.000 фунти годишно, до 70 милијарди долари од, како што се вели, „матни бизниси“.
Во однос на геополитичките теми, меѓу прашањата што преовладуваат на „Гугл“ се и тие што се однесуваат на актуелните воени случувања во Сирија, како и за Украина.
Така, според клучните зборови на пребарување, „Би-би-си“ ги креирал следниве прашања како најфренкфентни: „Зошто Владимир Путин.. ја поддржува Сирија?“… „Зошто Владимир Путин… сака да ја освои Украина“.
Според анализата на „Би-би-си“, солидно се застапени и прашања што се однесуваат на неговиот личен живот. Така, многу често во пребарувачот на „Гугл“ се појавуваат следниве комбинации од клучни зборови: „Дали Владимир Путин… има син?“…, „зборува Англиски?“, „го сака Трамп?“.