Google Maps работи на нова алатка што ќе им помага на корисниците полесно да се снајдат во просторот.

Станува збор за апликација со проширена реалност, а корисникот ќе може да види каде се наоѓа и каде треба да оди со помош на инструкциите од Google Maps. Истите ќе бидат во реално време и преку камерата на телефонот и ќе го насочуваат кон бараната локација.

Оние локации коишто ќе бидат компатибилни со новата алатка ќе дојдат и со ново копче Start AR, покрај стандардното Directions. Од компанијата велат дека со помош на новата апликација корисникот нема да се загуби, односно лесно ќе дојде до посакуваното место.

Моментално опцијата се тестира од мала група бета корисници, пред да биде достапна глобално. Сепак, Google постави ограничувања кога станува збор за нејзино користење. Може да се користи само додека се оди, но не и во возење од безбедносни причини. Исто така, нејзината примарна цел ќе биде пронаоѓање одредени “зафрлени“ локации,  а не како основна апликација за навигација.