Skydio R1: Неверојатен дрон кој самостојно ве следи (ВИДЕО)

Skydio R1 може да го следи секој ваш чекор и притоа од разни агли да ви направи фасцинантни видео снимки.

Ако отсекогаш сте сакале да имате акциски видео снимки од себеси како возите велосипед низ планина или слично, а не се подготвени да издвоите многу пари за скапа опрема или за професионален снимател, тогаш Skydio R1 можеби е вистинското решение за вас.

Станува збор за дрон кој што за разлика од другите дронови, лета самостојно и ве следи и снима на секој чекор. Додека го прави тоа, секако внимава да не „налета“ на некое дрво или слично, но исто таа и да не ве изгуби од вид.

Skydio R1 користи дури 13 камери, GPS и цела низа на сензори за да ја мапира околината и да се обиде да го предвиди движењето на субјектот кој што го следи. Комбинацијата на вештачка интелигенција, напреден хардвер и роботика му овозможува на дронот да мапира и да го интерпретира светот во 3Д. Всушност, технологијата која што ја користи е многу слична на таа што ја користат автономните автомобили.

Исто така ќе можете и самите да управувате со дронот кој што има интерна меморија од 64 GB, а максималната брзина која што може да ја постигне со своите четири мотори е импресивни 40 километри на час.

Сепак, нешто што звучи толку многу добро, мора да пристигне со висока цена. Дронот на кој што Skydio работеле цели четири години ќе се продава по цена од 2,500 долари.