Човештвото мора да ја напушти планетата Земја во наредните 200 години ако сака да преживее – тоа беше моќното предупредување на Стивен Хокинг неколку месеци пред неговата смрт.

Легендарниот физичар кој почина вчера, веруваше дека животот на Земјата би можело да се збриши со некаква катастрофа како удар на астероид, инвазија на вонземјани или подем на вештачката интелигенција.

Тој исто така предупредуваше дека пренаселеноста на планетата, човечката агресивност и климатските промени би можеле да доведат до самоуништување на човештвото.

Хокинг сметаше дека ако човечкиот вид има какви било шанси да преживее, идните генерации би морале да изградат за себе нов живот во вселената.

Една од работите што најмногу го загрижуваа Хокинг во врска со планетата Земја беше глобалното затоплување.

„Некои физички ресурси се трошат со алармантна брзина. На нашата планета ѝ подаривме ужасен подарок – климатски промени. Температурите растат, поларните предели се намалуваат, шумите умираат, а животинските видови исчезнуваат“, предупреди тој во јули, 2017 година.

Ако не се намали испуштањето на штетни гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина, Хокинг сметаше дека Земјата еден ден ќе изгледа како Венера, со температури на површината од 460 степени Целзиусови.

„Следен пат кога некој ќе го негира постоењето на климатските промени, кажете му нека оди до Венера. Јас ќе му го платам патот“, рече Хокинг.

Тој беше убеден дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од Парискиот климатски договор ја осуди нашата планета на пропаст.

„Блиску сме до точката од каде штетата од глобалното затоплување ќе стане непоправлива“, рече тој лани за BBC.

Славниот научник тврдеше дека вештачката интелигенција (AI) наскоро ќе стигне до ниво на кое ќе стане „нова форма на живот што ќе ги надмине луѓето“. Тој отиде до таму што изјави дека AI би можела целосно да ги замени луѓето, иако не кажа како би можело тоа да се случи.