Ако санкциите на Западот доведат до исклучување на Русија од веб, оваа земја има подготвено сопствен интернет, барем така тврди помошник рускиот претседател Герман Клименко.

„Технички, моментално сме подготвени за се“, изјави Клименко за руските медиуми, но исто така призна дека евентуалното исклучување од интернет мрежата не би поминало безболно за Русија.

„Секогаш се случуваат проблеми кога се преминува од една технологија на друга. Некој ќе има проблеми со конекцијата, а веројатно ќе дознаеме дека некој чувал податоци во странство, иако постои закон кој налага податоците да се чуваат во Русија. Некои се уште имаат хостинг во странство. Тие веројатно ќе имаат проблеми“, изјави Клименко.

Неговата изјава се однесуваше на рускиот закон за приватност на податоците. Сите компании кои што обработуваат лични податоци на руските државјани се обврзни истите да ги чуваат на сервери во рамките на земјата.

Професионалната мрежа “Linkedin” е веќе забранета во Русија затоа што не се прилагоди на законот, а Твитер и другите социјални мрежи се согласија да ги преместат податоците за Русите на територијата на Русија.

Рускиот сегмент на интернет специјално наменет за државните службеници е веќе во функција, потврдува Клименко. Тој потсети дека Русија, исто како и САД и Кина има сопствени пребарувачи, социјални мрежи и системи на огласување.

„Интернетот се регулира во сите земји, Русија не е исклучок. Меѓутоа, екстремните случаеви како Северна Кореја и Куба не се наш избор“, изјви Клименко.