Брзиот развој на вештачката интелигенција ја зголемува опасноста од нејзината злонамерна употреба од страна на држави, кои го загрозуваат мирот во светот, криминалци и терористи, предупредува нов извештај цитиран од Ројтерс и Франс Прес.
Студијата беше објавена денес од 26 експерти од областа на вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста и роботиката во Кембриџ, Оксфорд, Јеил и невладини организации. Тие ги повикуваат владите и сите засегнати страни да ги ограничат потенцијалните закани поврзани со вештачката интелигенција,
Истражувачите велат дека малициозната употреба на вештачка интелигенција создава непосредна закана за дигиталната, физичката и политичката безбедност, бидејќи овозможува широки, прецизно насочени и високоефикасни напади. Студијата се фокусира на сценарија кои можат да станат реалност во следните пет години.
Тие нагласуваат дека терористи можат да вршат сајбер напади, со кои ќе предизвикаат несреќи на автономни автомобили или да ги претвораат широко распространетите во трговската мрежа дронови во оружје.