“Живите завои” создадени од биокомпатибилни материјали со протеини од човечка крв го зголемуваат растот на нови клетки на местото на повредата двапати. Креација на руските научници, овие нови завои се раствораат на самата кожа.
Според информации објавени во руските медиуми, новиот терапевтски материјал е направен врз основа на поликапролактон (биоразградлив материјал) обложен со тенок филм со антибактериски состав. Антибактерискиот ефект е постигнат со воведување на сребрени наночестички во самиот филм (понекогаш биле заменети и со антибиотици) и примена на плазма протеини на површината.
Овие т.н. „живи завои“ се одлични за превивање на рани од изгореници. Резултатите in vitro покажаа дека кога се применуваат иновативните завои, процесот на регенерација на клетките е забрзан двојно. Покрај тоа, тие го спречуваат формирањето на лузни. Завојот за време на третманот не треба да се отстранува и менува, со што пациентот е ослободен од болки.
По одреден период, биоразградливите влакна едноставно “се раствораат” во телото без несакан ефект.