Моќните шеици во Обединетите Арапски Емирати се на чекор од промоција на беспилотни електрични такси летала. Пред неколку дена во Дубаи била одржана специјална седница на која била направена промоција на целиот проект кој може да стартува за година или две. Во Дубаи веќе се подготвува терен за старт со работа на револуционерната новина во градскиот транспорт.

Беспилотните такси летала ќе се напојуваат со соларна енергија, која ја добиваат од соларни панели. Според проектот, максималното времетраење на такси летот не надминува 30 минути, а максималната брзина со која ќе се движат беспилотните летала е 100 км/ч. Висината на летот треба да биде на 2000 метри.

Забележано е дека таксито ќе биде управувано од автопилот кој работи врз основа на GPS-навигатор. Нарачувањето на едно вакво такси ќе може да се направи со користење на смартфон. Премиерот на Обединетите Арапски Емирати и владетелот на Дубаи, шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, најавија дека до 2030 година, 25% од мобилниот парк на градот треба да се беспилотни возила.