Научниците во лабораториски услови успеале да развијат човечка јајце-клетка до целосна зрелост, што би можело да биде пресвртен момент при постапките на биомедицинско потпомогнато оплодување.
Научниците во Њујорк и Единбург откриле нова метода за развој на јајце-клетка од рана фаза до целосна зрелост, беше објавено во списанието „Molecular Human Reproduction“. Јајце-клетките биле развиени до фаза кога можат да бидат оплодени.
„Ова е првпат човечка јајце-клетка да се развие во лабораториски услови до фаза на целосна зрелост“, се вели во изјавата на Универзитетот во Единбург.
Експертите што не учествувале во истражувањето ги поздравија резултатите како ветувачки, но предупредуваат дека би можеле да поминат години додека тие не се претворат во сигурна и докажана терапија.
Техниката особено би можела да биде корисна кај жени кои, на пример, примаат хемотерапија, која негативно влијае врз плодноста на жената.
Новата метода би овозможила пред почетокот на хемотерапијата, од пациентките да се земат здрави јајце-клетки во рана фаза на развој кои би се замрзнале, а подоцна во лабораториски услови би се развивале до целосна зрелост.