Eлон Маск и неговата компанија SpaceX го воодушевија светот со нивниот подвиг – успешно лансирање на ракетата Falcon Heavy која што во вселената го транспортираше автомбилот Tesla Roadster.

Лансирањето и целиот процес на враќањето на ракетите и „откачувањето“ на товарот, односно на автомобилот во вселената течеше перфектно и без никакви проблеми, но самиот Eлон Маск за американските медиуми призна дека стравувал дека нешто може да тргне наопаку.

„Ја видов сликата на огромната експлозија на лансирната рампа, тркалата како скокаат низ асфалтот и логото кое што паѓа со тап удар на Земјата. Но, за среќа тоа не се случи. Луди работи се остваруваат“, изјави Елон Маск после успешното лансирање.

Иако описот на Маск од денешна перспектива звучи како едно најлошо и ужасно сценарио, основачот на SpaceX всушност само се сети на некои од многуте претходни неуспешни лансирања и слетувања.

Пред конечно да биде изведено успешното лансирање на Falcon Heavy заедно со Tesla Roadster, компанијата SpaceX имаше бројни неуспешни тестирања, а на официјалниот канал на компанијата на YouTube е објавено видео од пред неколку месеци на кое што се прикажани сите спектакуларни снимки на експлозии, судири, смешни превртувања на ракетите и едноставно – уништување на се што инжинерите и научниците на компанијата работеле со месеци и години.