Основачот на SpaceX, Елон Маск, потврди дека долгоочекуваното лансирање на „најмоќната ракета досега направена“ ќе се случи на почетокот на следниот месец.

Лансирањето на Falcon Heavy е закажано за 6 февруари и засега работите одат според планот, што значи дека SpaceX ќе успее да го испочитува закажаниот датум.

Falcon Heavy е ракета која е наменета да пренесува голем екипаж и многу опрема во вселената, но примарно нејзината намена е да понуди безбеден трансфер до Марс и назад со цел да се истражи таа планета и да се направат напори за монтирање на база на „Црвената планета“.

Според CNN Money, единствената помоќна ракета направена досега е Saturn V моделот на НАСА. Таа не е во употреба уште од 1970-те, но можеше да носи товар два и пол пати поголем од носивоста на Falcon Heavy. Сепак, моторите за лансирање на Falcon Heavy можат да се употребат по неколкупати, што според експертите е далеку поголемо технолошко достигнување од носивоста.

Првиот лет на Falcon Heavy нема да биде со човечки екипаж, туку ќе полета со кукли кои ќе ја симулираат положбата и тежината на астронаутите. Покрај тоа, во ракетата веројатно ќе се најде и Tesla Roadster, кој беше најавен на Twitter профилот на Маск.