После неодамнешното претставување на Razer Phone, некаде во втората половина од оваа година можеме да го очекуваме и наследникот на првиот гејмерски паметен телефон на оваа компанија.

Razer кон крајот на минатата година го претстави својот прв паметен телефон наменет за гејмерите – телефонот чиј што најголем адут беше одличниот екран со импресивна фреквенција на освежување од 120 Hz. Оваа компанија неодамна на саемот CES во Лас Вегас го претстави и концептот на лаптоп каде што на местото на падот може да се вметне телефонот на Razer.

Според гласините објавени на GSM Arena, инжинерите на оваа компанија веќе работат на наследникот на првиот паметен телефон кој што се очекува да биде претставен на IFA саемот.

Моментално нема детали околу новиот телефон, но јасно е дека можеме да очекуваме подобар хардвер и подобра графика која што треба да ги задоволи гејмерите.

Покрај новата генерација на гејмерскиот телефон, според гласините, на IFA саемот во август и почетокот на септември во Берлин, покрај Razer Phone 2, оваа компанија ќе го претстави и лаптопот Project Linda кој што би требало да биде пуштен во продажба кон крајот на оваа година.

Овој концепт на преносен компјутер ја користи силата на процесорот од телефонот и истиот ги воодушеви сите на саемот CES во Лас Вегас. Некои од новинарите дури и тврдат дека комбинацијата на телефон и лаптоп би можела да биде иднината на овој пазар.

Razer воодушеви со својата идеја корисникот сите свои податоци да ги носи во својот џеб, односно во својот паметен телефон со моќен хардвер, а кога ќе има потреба од голем екран, телефонот едноставно ќе може да се стави во куќиште и неговата сила и податоци ќе се користат на екранот на преносниот компјутер.