Блиндираниот Mercedes-Benz 770K Grosser Open Tourer од 1939 година што некогаш го користел oзлогласениот нацистички лидер Адолф Хитлер беше понуден на аукција, но наддавањето не ја достигна најниската побарана цена.
Иако заинтересираните наддавачи понудија и до 7 милиони долари на аукцијата во Аризона, САД, блиндираниот „супер мерцедес“, како што го нарекуваат, остана непродаден бидејќи сопственикот, кој побара да остане анонимен, побарал повисока почетна цена.
На аукцијата, меѓу другите автомобили беа и Cadilac Series 62 Deluxe Convertible Coupe од 1941, Jaguar XK150 DHC од 1958, Shelby GT350 од 1967, BMW 327 Cabriolet од 1939, Delorean DMC-12 Gulwing Coupe од 1981 и многу други.
Меѓутоа, овој Mercedes не е посебен само како класик, туку и поради фактот дека бил во сопственост на Хитлер. Овој автомобил бил специјална нарачка на личниот возач на Хитлер и офицер на злогласената СС единица, Ерик Кемпка.
Автомобилот бил употребен во неколку нацистички паради во периодот од 1939 до 1941 година, а бил користен и за посети на официјални претставници.
За да биде фирерот заштитен внатре, автомобилот бил блиндиран со арматура странично и оздола. Шофершајбната била отпорна на куршуми, а зад седиштата била поставена мобилна оклопна плоча.
Овој Mercedes има 7,7-литарски мотор со осум цилиндри и 230 кс, како и петостепен рачен менувач.
На крајот на Втората светска војна во 1945 година, Сојузничките сили го заплениле автомобилот што бил одржуван во совршена состојба оттогаш.
Овој модел, за кој аукциската куќа вели дека е „конечен споменик на триумфот на Сојузниците над злото“, е еден од осумте произведени предсериски примероци на моделот B150 од серијата 770К од кои преживеале пет, а три се во приватна сопственост, вклучувајќи го овој.