Samsung Galaxy S9 ќе има понапредна камера, екран и батерија

Компанијата ќе го претстави својот нов “flagship” уред на 25. февруари на посебен настан во Барселона

Јужнокорејскиот гигант Samsung на 25 февруари ќе го претстави новиот Samsung Galaxy S9 на посебен настан што ќе се одржи во Барселона. Компанијата веќе испрати покани за настанот на повеќе светски компании и пријатели на компанијата.

Претходно беше планирано Galaxy S9 да биде претставен на Mobile World Congress кој ќе се одржи од 26 февруари до 1 март, но Samsung реши да направи свој настан пред конгресот во Барселона. Комплетниот настан Samsung ќе го прикажува во живо на нивната веб-страница.

Кога се праќаат вакви покани, обично компаниите суптилно откриваат нови детали за новите уреди кои сакаат да ги промовираат, или пак не откриваат буквално ништо.

Натписот кој стоеше на поканата вели „новоосмислена камера“, што јасно укажува на тоа дека Samsung ја подобрил камерата на љубимецот на потрошувачите. Меѓутоа, ова не е нешто неочекувано со оглед на тоа дека технолошките компании од година во година нудат на пазарот напредни спецификации и поквалитетни камери.

Покрај подобрената камера, познато е и дека Samsung Galaxy S9 ќе има и подобрен екран, нова батерија и уште неколку експериментални промени. Според гласините кои кружат, сензорот за отисок на прстот ќе се наоѓа централно, директно под екранот, за разлика од неговиот претходник, кај кој сензорот се наоѓаше сместен поблиску до работ на телефонот.

Новиот телефон на Samsung би требало да има Qualcomm Snapdragon 845 процесор, со што ќе има подобри перформанси и ќе биде побрз.

Samsung Galaxy S9 би требало да почне со продажба во март оваа година, а цената на телефонот останува непозната.