Астрономите велат дека ја пронашле првата месечина, или егзомесечина, надвор од Сончевиот Систем. Доколку ова тврдење се докаже, тоа ќе биде доста значајно откритие.
Сигналот е забележан на оддалеченост од 4000 светлински години и тоа околу ѕвезда наречена Кеплер-1625. Истиот е забележан со Вселенскиот телескоп Кеплер на НАСА од страна на три астрономи – Алекс Тичи и Дејвид Кипинг од Универзитетот Колумбија и граѓанинот-научник Алан Шмит. Тие ги објавија своите резултати во статија достапна на arXiv.
Се претпоставува дека егзомесечината има маса слична на онаа на Нептун и орбитира околу планета која има 10 пати поголема маса од Јупитер, но е со иста големина како него.
Сигналот, набљудуван од астрономите, всушност претставува двоен прекин во светлината која доаѓа од ѕвездата, како што планетата, а потоа и месечината, поминале пред ѕвездата, гледајќи од наша перспектива – познато уште како метод на транзит.
Астрономите велат дека веруваат дека е месечина до ниво од 4.1 сигма. Ова значи дека доколку месечината не е реална, постои 1:16.000 шанса дека повторно ќе забележиме ваков сигнал, како што истакнува New Scientist.
Сигналот по сè наликува на сигнал од Месечина, но сепак може да биде и нешто друго. Астрономите ќе го употребат Вселенскиот телескоп Хабл повторно за да се обидат да го потврдат пронајдокот.
„Додека не ги добиеме резултатите од Хабл, за мене шансите се 50-50,“ изјавил Кипинг за BBC News.
Откритието ќе биде слично на откритието на првата планета надвор од Сончевиот Систем во 1992. Иако бевме доста сигурни во постоењето на егзопланети, сепак пронаоѓањето на егзопланета се покажа како тешка задача.
Пронаоѓањето на егзомесечина може да се смета за уште потешка задача, имајќи предвид дека генерално природните сателити се помали од планетите. Во конкретниот случај, дури можно е да се работи и за бинарен планетарен систем кој би бил поразличен од сè што досега сме виделе.
И претходно се појавија неколку лажни аларми за егзомесечини. На пример, во 2014-тата беше набљудувана појава која ветуваше дека е егзомесечина, но се покажа дека е лажен аларм. Дали ова најново откритие ќе биде преиспитано останува да видиме, а доколку тоа се случи со голема возбуда ќе ги очекуваме резултатите.
Голем број од 3000-те егзопланети кои се досега пронајдени не наликуваат на ниту една планета од Сончевиот Систем. Некои се со маса слична на Јупитер, но орбитираат екстремно блиску до матичната ѕвезда, додека други се карпести светови во ненаселиви орбити. Иако егзомесечините оставаат простор за слични претпоставки и преиспитување, ќе мора да почекаме за да дознаеме.
Текстот е преземан од веб-страницата на Скопско астрономско друштво www.astronomija.mk