Pragma Industries стана првата компанија во светот која почна индустриско производство на велосипеди на водород за комерцијална и градска употреба. Компанијата има седиште во Биариц, Франција и веќе има 60 нарачки за велосипедите од некои француски градови како Сен Ло, Шербур, Шамбери и Бајон. Иако велосипедите се премногу скапи за комерцијалниот пазар, се очекува цената да се намали од 7.500 на 5.000 евра, додека станиците за полнење чинат 30.000 евра.

„Многу компании имаат прототипови на велосипеди на водород, но ние сме првите кои почнуваме сериско производство“ вели основачот на Pragma, Пјер Форте.

Велосипедите Alpha на Pragma можат да поминат 100 километри со само 2 литри водород. Иако досегот е ист како кај електричните велосипеди, времето за полнење е значително помало – додека традиционалните електрични велосипеди се полнат 2 часа, велосипедите на водород се полнат за само неколку минути.