Обично хеликоптерите не се познати како многу практично средство за градски превоз, иако знаат да се покажат како добро решение. Компанијата Ball Helicopter направи измени на стандардниот хеликоптер и го модифицираше на тој начин што ќе го произведува како летечко такси возило.
Сепак, компанијата не сакаше да го открие изгледот на целото летало, туку ја промовираше само кабината, за потенцијалните патници да знаат како отприлика би изгледало новото искуство на летечко такси.
Комплетното летало (или возило) ќе биде откриено во наредните неколку месеци, по што ќе биде промовирано на некој од поголемите саеми за автомобили или технологија.
„Засега го откриваме само надворешниот и внатрешниот дизајн на кабината, а за останатите спецификации и можности на нашиот производ ќе биде известена јавноста до крајот на годината. Ова го правиме за да ја задржиме конкуренцијата на крајот од столчето, за тие секогаш да бидат внимателни“, вели Скот Дренен, шеф на одделот за иновација на Bell Helicopter.
Стратегијата на компанијата е да се направи возило со внатрешна кабина која ќе му понуди целосно летачко искуство на патникот. Според Дренен, ова треба да биде „комфорно место за опуштање“.
Филозофијата на Bell Helicopter е дека патникот мора да се чувствува безбедно, пријатно и опуштено во возилото бидејќи ова ќе биде сосем ново искуство. За почеток компанијата ќе ги произведува летечките такси-возила со намена за јавен градски превоз, но тие се надеваат дека еден ден ќе успеат да најдат начин да ги продаваат и на приватни сопственици.