Од 1957 година, луѓето ја загадуваат орбитата на Земјата со делови од остатоци од вселенски мисии, кои во јавноста се попознати како „вселенско ѓубре“. Во моментов има околу 20.000 фрагменти вселенско ѓубре орбитираат околу Земјата. Делови од стари сателити, ракети и делови по распад на системи и летала, лебдат во орбитата, но и достигнуваат брзини од 17.500 милји на час.

Досега имаше многу идеи како ќе се ослободуваме од овој отпад и како ќе ја вратиме орбитата во нормална состојба, но се чини, ниту една не доведе до конкретна реализација. Еден најнов предлог лансиран деновиве од кинеските истражувачи, вели дека едно од решенијата за чистење на орбитата на Земјата е предизвикување на ласерска експлозија, со која поголемите делови од вселенското ѓубре кое орбитира таму ќе се раслои на помали делови.

Вен Куан и неговите колеги на Универзитетот за воздухопловно инженерство во Пекинг вели дека користат нумеричка симулација за да тестираат колку еден таков ласер може да влијае на чистење на просторот со ѓубре кое лебди. Ласерите треба да бидат монтирани на сателит, лансиран во орбитата. Од таму ќе се емитуваат кратки рафали на инфрацрвена светлина, доволно силна да ги растури остатоците и да ги турне надолу.

Иако звучи научно-фантастична, симулацијата може да биде почеток на развојот на нов вид на алатка. Додека ова не стане реалност, научниците од целиот свет продолжуваат да бараат начини како да се ослободи просторот од вселенското ѓубре.