Кинескиот производител „Хонор“, кој е подружница на „Хуавеи“, го претстави својот нов „нискобуџетен” смартфон за европскиот пазар, наменет за т.н. „милениумци“, односно лица родени кон крајот на 20-от век. Моделот е наречен „Хонор 6А Про“.

Уредот е доста сличен на „Хонор 6А“, кој излезе во мај во Кина. Единствената разлика е скенерот за отпечатоци од прсти.

„Хонор 6А Про“ има метална надворешност, што може да биде во златна, сребрна и сива боја. Екранот е голем пет инчи, а резолуцијата е 720 пиксели. Содржи и оперативен систем Андроид 7.0, процесор Kвалком Снепдрагон 430, 3 гигабајти РАМ, 32 гигабајти внатрешна меморија и батерија со капацитет од 3.020 милиампер часови.

Телефонот има предна камера од пет мегапиксели и задна од 13 мегапиксели.

Цената се уште не е соопштена, а на почетокот ќе може да се купи само во Италија.