Во Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија од следната година цените на услугите во роаминг ќе бидат изедначени со домашните. Агенциите за електронски комуникации на четирите земји имаат доставено нацрт договор до ресорните министерства за цените во роамингот во овие земји да се усогласат со цените во ЕУ.
Регулаторите, како што пишува црнорска „Побједа“ ги известиле ресорните министерства дека Бугарија веќе потпишала спогодба со Македонија за изедначување на цените во роаминг со домашниот сообраќај и најавила дека тоа ќе го бара и со останатите членки на спогодбата од 2014 година.
Регулаторите од четирите држави на состанок на крајот на ноември во Белград договориле усогласениот текст на нацрт спогодбата да го достават до ресорните министерства, за да се потпише нова спогодба.
Агенцијата за електронски комуникации на Црна Гора на 24 ноември доставила до Министерството за економија нацрт спогодба во која се наведува дека ресорните министерства на четирите земји потписнички се согласни цените во роаминг да се доведат на ниво на домашните цени, како што е направено во ЕУ.
Нацрт спогодбата е отворена за сите заинтересирани земји, а според информации на „Побједа“, досега се остварени неформални разговори со претставници на регулаторите и од Албанија, Хрватска и Турција за можно приклучување на спогодбата.
Од крајот на јуни годинава цените во раоаминг во Црна Гора, БиХ, Србија и Македонија се намалени на 19 центи за појдовни и пет цени за дојдовни повици.
Максималната цена на СМС пораката е шест центи, а услугата за пренос на податоците и ММС е 20 центи. Тоа е направено врз основа на спогодба за намалување на цените на услугите во роаминг во четирите земји од 2014 година