„Среќен Божик“ е првата SMS порака која е испратена на 3 декември 1992 година, а не е напишана на мобилен телефон, туку на компјутер. Оваа година се прославуваат 25 години од испраќањето на првата кратка порака.

Иако денес се поголем број на луѓе комуницираат преку социјалните мрежи Фејсбук и Твитер, како и интернетските сервиси, на пример Вибер, кои овозможуваат бесплатна размена на пораки, најпопуларниот начин за текстуална комуникација и понатаму е SMS. Според некои аналитички компании, 92 отсто од корисниците на паметни телефони и понатаму го користат овој начин на размена на текстуална порака.

Во 1992 година, тогаш 20-годишниот инженер на Водафон, Нил Папворт за првата СМС порака употребил персонален компјутер, кој го поврзал со мобилен телефон што бил на англиската мрежа ГСМ Водафон. Во пораката пишувало „Среќен Божик“, иако бил почеток на декември. Првата, пак, SMS порака од мобилен на мобилен ја испратил еден стажист во компанијата „Нокиа“ на почетокот од 1993 година.

Мобилните компании на почетокот биле скептични кон текстуалната комуникација, бидејќи сметале дека нема потреба за испраќање пораки некому, ако на тоа лице може да му се јавите. Затоа на почетокот SMS најмногу им служел за мобилните оператори да ги информираат корисниците за нова говорна пошта.

Првичната намена на СМС пораките била да се овозможи поедноставна комуникација внатре во компаниите, а нивната улога со тек на време се проширила „од пораки кои секретарките им ги испраќале на менаџерите па се до голем број иновативни апликации кои се поврзани со СМС, како што е гласање во реални шоуа, следење на возила или пратки, па се до информации за слетување на авионите“.

Постоењето на бесплатните интернетски сервиси, како што се iMessage, WhasApp, Viber уште долго време нема да ја загрозат доминацијата на СМС пораките, кои на многумина и понатаму ќе им остане еден од примарните и наједноставни начини за комуникација, но и алатка со која ќе може да се завршат многу други работи, како што е плаќање паркинг, билети во трамвај и автобус и слично.