Јужнокорејскиот гигант Samsung планира веќе на почетокот од идната година да го претстави првиот паметен телефон на пазарот кој што ќе има флексибилен екран.

Како што пренесуваат специјализираните портали, од јужнокорејската компанија наводно планирале првиот паметен телефон со флексибилен екран да го претстават веќе на почетокот од идната година на Consumer Electronics Show, а уредот наводно ќе го има називот Galaxy X.

Во прилог на овие гласини оди и тоа што деновиве се појави страница за поддршка на овој уред на официјалната интернет страница на Самсунг. Таа страница ја има ознаката SM-G888NO која што исто така, претходно беше поврзувана со новиот телефон на Samsung – Galaxy X.

 Претседателот на “Mobile Business” одделот на Самсунг, Кох Донг-Јин, претходно потврди за медиумите дека компанијата ќе го претстави првиот паметен телефон со флексибилен екран во 2018-та година.

Засега не е познато како ќе изгледа финалниот производ на јужнокорејски Самсунг, но од прилика може да се претпостави како ќе изгледа телефонот, со оглед на тоа што во октомври протекоа во јавноста скиците од патентот.

На скиците може да се види дека екранот се преклопува и тоа веројатно ќе биде слично на телефоните кои што беа на преклопување. Секако, во овој случај екранот ќе биде долж целиот телефон затоа што истиот ќе биде флексибилен.

Извор: Klix.ba