Компанијата „Фејсбук“ на почетокот од неделава објави дека во соработка со „Ербас“ работи на решавање на проблемот со слабиот квалитет на интернет конекција во некои држави и области.

„Фејсбук“, претходно годинава, го претстави проектот „Акила“, кој има за цел да донесе безжична интернет конекција во одредени делови од светот и тоа со помош на дронови.

Сега, двете компании соработуваат на напредното решение кое треба да ја покаже способноста и одржливоста на „платформите на голема висина“ – HAPS (High altitude platform station) во обезбедување и одржување на широкопојасен интернет, пишува „Travel and leisure“.

Според Марк Цукерберг, кога проектот „Акила“ ќе биде целосно готов ќе се состои од флота на летала на соларен погон кои ќе емитуваат интернет сигнал низ целиот свет. Флотата ќе биде составена од беспилотни летала, што ќе можат да летаат со месеци.

Иако партнерството со „Ербас“ на прв поглед можеби изгледа чудно, оваа компанија, покрај производство на авиони, произведува и опрема за вселенски летови, како што се сателити и системи за истражување на вселената.

Соработката на двете компании за носење на интернет врска во некои поизолирани делови од светот би можела целосно да го елиминира губењето на интернет сигнал во комерцијалните летови. Ова, не само што значи дека патниците ќе можат постојано да користат интернет, но исто така ќе придонесе веќе да нема мистериозни исчезнувања на авиони.