Американската компанија Razer го претстави својот прв мобилен телефон, Razer Phone, кој е креиран за гејмерите кои сакаат брз телефон со врвни спецификации.

Телефонот е базиран на технологија од компанијата Nextbit, која Razer ја купи во јануари оваа година.

Razer одамна најавуваше дека ќе произведе мобилен телефон кој ќе биде наменет исклучиво за гејмери.

Овој телефон има 5,7-инчен екран со брзина на освежување од 120 Hz и резолуција од 2.560 х 1.440 пиксели. Неговиот екран е со голема осетливост и прецизност, и на секоја команда одговара многу брзо. Покрај огромниот екран се сместени стерео звучници.

Razer Phone има три камери, од кои две на задниот дел и една на предниот дел. Задните две камери се со 12 и 13 мегапиксели, а предната камера е со 8 мегапиксели.

Телефонот има внатрешна меморија од 64 GB, а поседува и Qualcomm Snapdragon 835 процесор. Покрај тоа, телефонот има слот за micro SD мемориска картичка и може да поддржи надоградување на меморија и до 2 TB.

Razer Phone ќе биде во продажба од крајот на ноември по цена од 699 долари.

Извор: Klix.ba