Роботите ќе ни даваат совети за различни теми, ќе ни помагаат во купувањето, па дури и ќе ни подготвуваат кафе. Ова е предвидувањето на неколку генијални умови од областа на роботиката и вештачката интелигенција.
Многумина го посакувале роботот од филмовите „Војна на ѕвездите“ – „C-3PO“. Наместо него, сега е креиран роботот „Пепер“. Тој може да препознава лица и да поздравува клиенти, но не може самиот да се движи наоколу. Ваквите роботи имаат одредени способности, но со нив не може да се разговара за смислата на животот, односно нивните вештини се ограничени бидејќи, на крајот на краиштата, се работи за машина. Што е она толку сигурно во вештачката интелигенција што ни гарантира дека некогаш ќе добиеме „C-3PO“?
Одговорот е во паметните телефони.
Паметниот телефон е комбинација од различни технологии, а сите се развивале одделно. Со текот на времето тие созреале во една софистицирана фаза во која можеле да се соединат. На тој начин ги добивме паметните телефони.
Роботот не е поинаков. И тој е комбинација од многу комплексни технологии, како што се препознавање говор, механички инженеринг и слично. Со соединување на сите компоненти може да се создаде универзален робот сличен на „C-3PO“, сметаат експертите. Ако се погледнат различните компоненти што го сочинуваат паметниот телефон, може да се добие идеја за тоа колку долго еден процес може да трае:
– Првиот радиотрансмитер бил создаден во 1887
– Првата комерцијална фотографска камера била произведена во 1839
– Првата катодна зрачна цевка, која е дел од денешниот дигитален дисплеј, била креирана во 1897
– Првото интегрирано коло датира од 1949
Секако дека има уште многу други компоненти што го сочинуваат паметниот телефон. Но, потребни биле повеќе од 100 години за да бидат развиени едни од првите клучни технологии што сега се дел од паметните телефони. Дали тоа значи дека и сега сме речиси 100 години оддалечени од роботите? Најверојатно не. Технолошкиот развој се движи со голема брзина и на иновациите постојано им се зголемува бројот. Добрата вест е дека суперинтелигентен „C-3PO“ робот наскоро ќе пристигне.
Поврзани артикли