NASA ја посакува вашата помош. Леталото Voyager оваа година слави 40 години од лансирањето, а NASA по тој повод организираше онлајн натпревар во кој ќе можете своите пораки да му ги испратите на Voyager. На тој начин и вашата порака би можела да биде прва на која ќе наидат некои вонземјани.
Своите честитки на Voyager 1 можете да ги испратите преку социјалните мрежи, а NASA објави дека ќе ги испрати на 5. септември, а годишнината од лансирањето на сондата Voyager 1.
Пред 40 години, мисиите Voyager 1 и 2 го започнале патувањето од Земјата и за нивното времетраење двете сонди ги поминале наредните 2 декади патувајќи покрај Јупитер и Сатурн. Додека Voyager 1 излегла од Сончевиот Систем, Voyager 2 прелетувала покрај Уран и Нептун, станувајќи првата и единствена сонда во историјата која ги истражувала овие два света.
Ова лето, сондите ќе ја слават 40 годишнината од нивното лансирање – на 20-ти август и 5-ти септември. И покрај долгиот пат кој го имаат поминато и нивната оддалеченост од Земјата, тие сè уште се во контакт со NASA и праќаат вредни податоци. Тоа значи дека покрај тоа што се мисии кои постигнале најголема далечина, тие се и најдолгите функционални мисии во историјата.
Нивните откритија вклучуваат откривање на првите активни вулкани надвор од Земјата (на месечината на Јупитер, Ио), првите докази за можен подповршински океан на месечината Европа, густата атмосфера околу Титан, ледените гејзери на Тритон, најголемата месечина на Нептун, и др.