Палетата на производи на Apple од вчера е посиромашна за два легендарни уреда. Овие уреди се отстранети од интернет страницата на Apple и нивната онлајн продавница, а од компанијата потврдија дека престануваат со производство на овие уреди. Ако ништо друго, барем iPod touch доби надградба.

Apple го претстави iPod shuffle во јануари 2005. година, a следуваше iPod nano само осум месеци подоцна, во септември. Зборуваме за периодот пред iPhone, кога Apple сакаше да ја зголеми продажбата на iPod со претставувањето на овие два помали модела. Потегот кој сега го направија не изненади никого: ниту еден од овие модели не доби надградба веќе со години. Сепак, сите пуштивме по некоја солза.

iPod shuffle беше најмалиот од сите модели на iPod. Се состоеше само од управувачки дел, и немаше екран, а благодарение на клипот од задната страна, претставено на втората генерација на уредот, можевте лесно да го закачите каде што сакавте. Оваа серија вкупно има четири генерации, а последната беше претставена во септември 2010 година.

Многу брзо по shuffle, пристигна iPod nano. Овој производ го презема концепот претставен со iPod mini, кој стана многу популарен поради својата големина. Така nano стана вториот најмал и најлесен iPod после shuffle, па дури имаше и екран. Овој производ имаше седум генерации, а последната надградба беше во 2012 година.

Apple го потврди пензионирање на овие iPod-и во соопштение за медиумите, а најавија и дека ќе ја удвојат меморијата на iPod touch.

Од денеска нашата линија на iPod-и е поедноставена, со два модела на iPod touch кои отсега ќе имаат двојно повеќе меморија и почетна цена од 199 долари, и со повлекување на iPod shuffle и iPod nano“, објавија од Apple.