Следниот месец ќе го видиме претставувањето на новиот Galaxy Note 8 и брзо после тоа и на iPhone 8. Сепак, пред нив ќе биде претставен еден старо-нов смартфон – HMD Global, компанијата која стои зад враќањето на Nokia на пазарот на паметни телефони, овој пат со Android, ќе го претстави својот нов ударен модел, кој ќе го носи името Nokia 8. Компанија го потврди датумот 16 август како ден кога ќе биде претставен овој модел, преку праќање покани до многу светски медиуми и публикации.
Очекувањата од овој смартфон се многу големи, што и не е чудно – името Nokia и натаму е синоним за квалитет и високи перформанси. Дисплејот се очекува да има големина од 5,3 инчи и Quad HD резолуција, од задната страна ќе има двојна камера со Carl Zeiss оптика, додека внатре ќе бие срцето на моќниот Snapdragon 835 процесор, помогнат од 4 или 6 GB рам меморија и 64 GB простор, со можност за проширување со micro SD картичка.
Цената, според најавите, ќе изнесува 600 долари, што е делумно поевтино од најпопуларните Android модели.