Желбата на потрошувачите за едноставни, сигурни и брзи решенија во банкарството расте, а ова го потврди и истражувањето спроведено од MasterCard во единаесет европски земји.

Резултатите покажале дека 85% од испитаниците веќе користат дел од дигиталните услуги на својата банка. Кога станува збор за тоа колку често ги користат, повеќе од 85% одговориле дека користат дигитално банкарство барем еднаш во месецот, а 38% тоа го прават на дневна или неделна база.

Испитаниците ја потенцирале практичноста како најзначајна предност на дигиталните банкарски решенија. 70% од нив сметаат дека дигиталното банкарство придонесува кон заштеда на време, 59% одговориле дека е едноставно за користење, додека пак 32% рекле дека дигиталното банкарство им одговара на животниот стил. Исто така, шест од десет корисници во Европа покажале висок степен на заинтересираност за дигитални решенија и се уверени дека дигитализацијата на банкарскиот сектор го олеснува животот и го прави посигурен.

Лојалноста на потрошувачите пак, кога станува збор за нивните моментални банки, е релативно ниска. Во Германија, 27% од испитаниците размислуваат да ја напуштат својата моментална банка во наредните дванаесет месеци, додека пак Холанѓаните се најверни корисници на банкарските услуги, па само 7% од нив размислуваат за промена на банката и 52% од нив рекле дека сакаат да останат во моменталната банка.

Половина од вкупните испитаници размислуваат да ја променат својата банка со онлајн банка, а предводници по ова прашање се Германците и Унгарците со 58%, па Французите со 57%. Кога станува збор за мотивите, 43% посакуваат дигитални банкарски решенија бидејќи се практични, додека 39% ја истакнуваат сигурноста како најголема предност.

Европските потрошувачи веруваат дека процесот на дигитализација во финансиската индустрија ќе влијае на канцелариите односно работните простори на банките. Две третини од испитаниците (67%) сметаат дека физички банки ќе постојат во нивните држави во наредните десет години но ќе се намали нивниот број, а 6% се уверени дека физичките банки ќе исчезнат целосно во дадениот временски период.

Потрошувачите бараат од своите банки достапност и едноставна употреба (42%), флексибилност кога се работи за договори и 24 часовна советодавна услуга (27%), како и можност за контрола на трошоците во реално време и транспарентност (24%).

ИЗВОР: ictbusiness.info