Социјалните мрежи во изминатите неколку години го променија начинот на кој ги следиме спортовите. Милиони навивачи ширум светот додека гледаат натпревари (без разлка дали се на стадион или телевизор) споделуваат ставови и фотографии на Facebook, Twitter, Instagram…
Најпознатата социјална мрежа Facebook потпиша договор со гигантот Fox Sports за да ги стримува (пренесува) натпреварите од Лига на шампиони од септември.
Дуелите од ЛШ кои ќе може да се гледаат и на Facebook во прекуокеанските земји ќе бидат пренесувани на англиски и шпански јазик на Facebook на страниците Fox Deportes и Fox Sports.
Новата Facebook услуга за сега ќе биде достапна само за Американците, иако не е познато како Фејсбук може да ги контролира милионите корисници кои преку одредени алатки можат да ја променат IP адресата од која сурфаат.
Натпреварите од американската бејзбол лига и МЛС веќе се пренесуваат во живо на Фејсбук, кој неодамна прослави две милијарди корисници. Но, од следната сезона корисниците на оваа мрежа ќе можат во живо да ги гледаат и натпреварите од Лига на шампиони.
Со ваквиот потег Facebook сака да стави крај на „сивата економија“ бидејќи постојано можат да се најдат стотици нелегални линкови од стримови на натпреварите. Притоа со услугата „Live“ невозможно е да се контролира содржината која оди во живо, па многу корисници со своите телефони ги сминаат ТВ приемниците и нудат пренос на натпревар во добра резолуција.
За време на годинашното финале во Лигата на шампиони дури 34 милиони корисници на Facebook биле вмешани во 98 милиони интеракции поврзани за самиот натпревар. Тоа се бројки кои не можат да се игнорираат, па првиот чекор за спојување на спортот и социјалните мрежи го направи токму Facebook.
Поврзани артикли