Како што неодамна ви соопштивме, годинава се очекува Google да издаде два смартфона од серијата Pixel, што ќе се разликуваат главно по големината и резолуцијата на екранот. Се работи за уреди со кодните имиња „walleye“ и „taimen“. Информациите велат дека поголемата опција најверојатнo ќе биде произведена од LG.
Веќе имаме повеќе детали околу двата уреди, откако информациите доаѓаат од XDA-Developers кои цитираат неименуван, но сигурен извор. Поголемиот уред ќе нуди 6-инчен екран со 1440p OLED панел, испорачан од LG. Тоа не е многу изненадувачки, откако претходно во текот на годината се проговори дека Google сака да инвестира во LG Display токму со таа цел. Моделот ќе биде со тенки рамки околу екранот и ќе вклучува уште 128GB простор за складирање на фајлови, процесорот Snapdragon 835 со фреквенција 2,45GHz и 4GB RAM.
Задниот панел ќе биде сличен на оној од минатогодишниот модел со комбинација од стакло и метал. Се очекува главната камера да е единечна со двоен LED блиц. Истиот извор тврди дека „walleye“ ќе вклучува 5-инчен екран со full HD резолуција, а дизајнот се очекува да е речиси идентичен со оној од минатогодишниот модел. Google планира да вклучи стерео звучници за сметка на стандардниот 3.5 милиметарски аудио приклучок, кој за жал ќе биде исфрлен. Меѓу другите карактеристики се Snapdragon 835, 4GB RAM и 64GB меморија за сместување податоци.