Во оваа фаза веќе ги прифаќаме гласините околу Samsung Galaxy Note 8 за нешто нормално, бидејќи премиерата на телефонот постепено се приближува. Една од ретките непознати се уште е поврзана со тоа кога точно ќе се одржи официјалната промоција, но добро запознаен извор на Twitter има мислење по ова прашање.
Ако може да му се верува, премиерата на фаблетот ќе се случи на специјален настан што јужнокорејската компанија ќе го организира на 26 август во Њујорк.
Засега информацијата не е официјална, но звучи логично, имајќи предвид дека последните два Galaxy Note модели беа промовирани денови пред почетокот на саемот IFA што започнува од 1 септември. Ако датумот 26 август се покаже точен, тоа повторно ќе даде предност на Samsung пред новите iPhone модели кои пак се очекуваат во првата половина на септември.
Се разбира, како и секоја гласина, и оваа не треба да се зема без задолжителната доза сомнеж. Пак во сферата на шпекулациите спаѓаат основни податоци за параметрите на Galaxy Note 8, имено 6,3-инчен дисплеј и чипсет Snapdragon 836. Покрај тоа, очекуваме уредот да стане првиот топ модел на Samsung, кој има двојна задна камера за подобра мобилна фотографија.