Samsung се подготвува да лансира уште еден смартфон со двојна камера. Само два дена поминаа откако Galaxy Note 8 беше официјално претставен, а веќе е објавена фотографија со телефон од Samsung со ISOCELL двојни сензори на камерата.

Највпечатлива разлика меѓу основниот „Galaxy J7“ (2017) модел и „Galaxy J7+“ е во тоа што вториот ќе има двојна задна камера која ќе биде со сензор од 13-мегапиксели и отвор на блендата од „f/1.7“ и секундарен сензор од 5-мегапиксели со отвор на блендата од „f/1.9“. Од предната страна се наоѓа 16-мегапикселна камера со отвор на блендата од „f/1.9“.

Внатре во уредот со „unibody“ металното куќиште се наоѓа осумјадрен чип со такт од 2,39 GHz, 4 GB RAM, 32 GB интерна меморија која може да се прошири со „microSD“ картичка до максимални 256 GB, како и батерија од 3000 mAh. Tука е и 5,5-инчен „Super AMOLED Full HD“ екран, сензор за отпечаткот на прстот и оперативен систем „Android 7.1.1 Nougat“.

Вреди да се истакне дека „Galaxy J7+“ содржи и карактеристики кои досега беа достапни исклучиво за премиум моделите на оваа компанија, како што е на пример виртуелниот асистент „Bixby“ и отклучување на уредот со препознавање на лицето.

Засега не е познато кога овој смартфон ќе биде достапен на пазарот, ниту по која цена, но познато е дека ќе биде достапен во црна, златна и розева боја.