Google објави дека ја менува апликацијата за пребарување на мобилните телефони, за да вклучи перносализирани врски за хоби, патување, спорт и други теми. Ова ќе ја постави компанијата во директна конкуренција со социјалните мрежи, како Facebook, соопштува Reuters.

Google, која е најголемиот пребарувач во светот и дел од компанијата Alphabet, соопшти дека промените ќе започнат во САД денес, а во други земји – во следните недели. Новиот предлог се вика Google Feed – име кое веројатно предизвикува споредби со News Feed на Facebook, кој се користи за добивање на вести од пријателите, семејството и други извори. Google сепак соопшти дека не се обидува да го копира Facebook, која е најголемата социјална мрежа во светот. Наместо тоа, компанијата сака да создаде друго место на кое корисниците ќе можат да гледаат релевантни резултати при пребарување.

„Овој „фид“ навистина одговара на вашите интереси …, не е толку поврзан со она од што се заинтересирани пријателите“, вели Бен Гоумс, потпретседател на инженерскиот оддел на Google.

Вообичаените ажурирања може да вклучуваат линк до сајт со поволна понуда за одмор, вила или линк до страница за велосипедизам или друго хоби, соопшти компанијата.

Facebook и Google се борат за внимание онлајн, а соодветно и за приходите од реклами, засновани на тоа внимание. Се очекува двете компании од Силиконската долина да соберат околу 50% од вкупните приходи од реклами на интернет во 2018 година, покажуваат податоците на компанијата за истражување eMarketer. Во моментов нема итни планови за вклучување на реклами во Google Feed, вели Гоумс.

Google Feed ќе нуди линкови врз основа на историјата на пребарувањето на корисникот во Google, како и податоци од други услуги на Google, како YouTube, Gmail и Google Calendar, соопшти компанијата. Освен што ќе го вклучи Google Feed во мобилните апликации, компанијата планира да ја присоедини кон веб прелистувачите под некаква форма, вели Шаши Тхакур, другиот потпретседател на инженерскиот оддел на Google.

Извор: Reuters