Минатата година, Google ја претстави Android апликацијата наречена Bolo, која им помагаше на децата во Индија да научат да читаат. Сега оваа апликација е проширена и достапна во голем број други држави. Апликацијата се вика Read Along и ги користи технологиите на Google за препознавање на говор и читање на текст за да разбере колку добро децата читаат на глас.
Виртуелниот пријател кој чита, наречен Diya, на визуелен и вербален начин им помага на децата да ја подобрат својата способност за читање на текст. Ако детето се мачи да прочита некој збор или цела реченица, Diya ќе му помогне во тоа.
Децата ќе добиваат „награди“ и беџеви кога правилно ќе ги прочитаат зборовите, додека родителите ќе можат да ги подесуваат профилите според возраста и способноста на читање на своите деца, за да обезбедат максимален учинок на апликацијата и персонализирано следење на прогресот.
Апликацијата е достапна на Play Store и засега поддржува девет јазици, а може да се користи во 180 држави. Македонскиот јазик (секако) не е поддржан, но знаејќи го Google, сигурни сме дека во следниот период ќе ги проширува поддржаните јазици, па во некој момент на располагање ќе се најде и нашиот.
Поврзани артикли