Google подготвува смарт звучник со екран со кодно име Manhattan, кој на пазарот ќе му конкурира на популарниот Echo Show на Amazon.
Паметниот звучник Echo Show на Amazon има 7-инчен екран чувствителен на допир на кој што може да се прикажуваат најразлични работи – од временска прогноза, шопинг листа, видеа од безбедносните камери и бејби монтори, до преглед на фотографии и вршење на видео повици.
До неодамна сопствениците на Echo Show можеа да вршат стриминг на видео записи од YouTube, но минатата седмица Google го оневозможи тоа со образложение дека тоа ги прекршува правилата на сервисот и нуди лошо корисничко искуство. Сепак, според некои гласини, од Google го сториле тоа затоа што се подготвуваат за лансирање на сличен уред кој ќе му биде директен конкурент на Echo Show.
Според гласините, уредот на Google со кодно име Manhattan ќе има екран со дијагонала од 7 инчи и ќе има поддршка за Google Assistant, прикажување на фотографии и видео записи и секако YouTube, а наводно треба да работи и на „некоја верзија на Андроид“, така што на програмерите ќе им биде овозможен развој на разни апликации што ќе овозможи бројни опции за негово користење.
Google наводно овој проект го планирале за средината на 2018-та година, но со оглед на тоа што Echo Show на Amazon веќе стана популарен на пазарот, оваа компанија ќе го забрза развојот и се очекува да го претстави до крајот на оваа година.