Родовата еднаквост значи дека жените и мажите, еднакво треба да уживаат исти права, ресурси, можности и заштита во општеството. На глобално ниво, постигнувањето на родова еднаквост е од приоритетна важност и се користат различни методи за да се урнат сите родовите бариери и сите форми на дискриминација. Учеството на жените и мажите во сите области од јавниот и приватниот сектор е од клучна важност, што подразбира и еднаков статус и третман во остварувањето на човековите права и развојот на индивидуалниот потенцијал.
Таквата потреба не е исклучена кога се работи и за јавните претпријатија. Праксата во нашата држава покажува дека кога е во прашање управувањето со јавните претпријатија постојат значителни разлики помеѓу жените и мажите.
Според анализата на Институтот за демократија, со јавните претпријатија во нашата држава најчесто управуваат мажи.
Податоците од истражувањата укажуваат дека во 2018 година само 29% од членовите на управните и надзорните одбори биле жени, а во 2019 овој процент изнесувал 28%.
Најизразена е состојбата кај директорските позиции, каде што само 6% се жени. Ваквата состојба укажува на систематска дискриминација која оневозможува еднаков пристап до раководни позиции во сите области на нашето живеење.
За повеќе информации од истражувањето и препораките од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје посетете ја веб страницата idscs.org.mk/mk/2020/04/10/кој-тоа-таму-управува-извештај-за-2019/.
Поврзани артикли