Од април 2021 година, македонскиот ИТ пионер „Еконет“ преминува во сопствеништво на реномираната ИТ компанија „Синами“, која веќе 20 години успешно делува на домашниот, но и на меѓународните пазари. Аквизицијата доаѓа по најавите на „Синами“ за нејзин раст и проширување, како по бројот на вработени, така и за развој на нови напредни софтверски решенија и продукти.

Зад двете компании стои искусен тим од ИТ професионалци, а од „Синами“ и „Еконет“ велат дека спојувањето отвора нови можности и перспективи за освојување нови меѓународни пазари, особено имајќи го предвид исклучително големиот потенцијал кој индустријата го нуди.

„Проширувањето на „Синами“ кој од неодамна функционира како самостоен бренд е само логична последица на нашата бизнис стратегија за раст на компанијата. Имаме навистина огромен потенцијал и верувам дека овој чекор само дополнително ќе придонесе за исполнување на нашата амбициозна визија за развој. Располагаме со силни човечки ресурси, односно добро подготвен и мотивиран кадар со повеќедецениско искуство на кој сега му се придружува и нов тим од висококвалификувани ИТ професионалци, па сигурен сум дека со овој состав ќе го одржиме растот кој веќе го имаме во Европа и Северна Америка, но и ќе продолжиме со освојувањето нови пазари.“, истакна Бојан Тасевски, извршен директор на „Синами“.

Компанијата „Еконет“, инаку, е еден од ИТ пионерите на македонскиот пазар основана во 1999 година, која се позиционираше како прв и единствен овластен дистрибутер на продуктите од реномираниот глобален бренд Cisco за Македонија, Албанија и Косово, а потпирајќи се на своето искуство во дистрибуцијата на софистицирана ИТ опрема, подоцна стана овластен дистрибутер и за уште еден светски бренд – Microsoft. Следењето на глобалните трендови во ИТ индустријата, навремената дистрибуција на најсовремените ИТ продукти, како и искуството во обезбедување консултантски услуги за дизајнирање и имплементација на технички решенија за голем број компании, беа главен мотив за „Еконет“ во 2016 година и самата да стане компанија за развој на нови софтверски решенија и услуги.

„Еконет е една од постарите домашни ИТ компании, присутна на регионалниот пазар повеќе од 20 години. Спојувањето со реномираната компанија „Синами“ е продолжување на нашата успешна приказна, но и нов почеток кој ни отвора можност за уште поуспешно делување во ИТ секторот. Повеќедецениското искуство кое го имаат

нашите кадри, ќе биде дополнителна помош за тимот на „Синами“ во справување со секојдневните предизвици кои ги носи новото време, а со примена на нашите вештини, сигурен сум дека ќе придонесеме во континуираниот развој на нови, напредни ИТ решенија. Се чувствуваме задоволни што се придружуваме на искусен тим кој постигнува исклучителни резултати и на меѓународниот пазар и веруваме дека заедно ќе се позиционираме уште подобро и ќе постигнеме уште повеќе.“, истакнуваат од „Еконет“.

Инаку, „Синами“ е софтверска компанија која делуваше речиси 20 години во рамките на „Сеавус“, а по аквизицијата на „Сеавус“ од страна на чешката групација АРИКОМА, компанијата се издвои како нов, самостоен бренд. Во клиентите на „Синами“ денес се вбројуваат дури 70% од најуспешните Fortune 500 компании, како Airbus, Rolls Royce, McLaren, SAP, Tesla и слични профили на клиенти од различни индустрии со просечен број од 40.000 вработени.