Samsung доста внимание му посвети на огромниот систем на камери на својот најмоќен смартфон Galaxy S20 Ultra. Меѓутоа, доколку сте се прашале што е сето она што се наоаѓа во испакнатината на задната страна на уредот, iFixit дава одговор во вид на расклопување на телефонот.

Главната камера од 108MP е сама по себе огромна, а сензорот покрива двојно поголема површина во однос на 12MP сензор од iPhone 11 серијата. Од друга страна, на перископ зум камерата и е потребно доста простор за нејзиниот необичен латерален дизајн, вклучувајќи и оптичката стабилизација на сликата за призма.

Расклопувањето покажува и колку малку простор останува за чипсетот, откако ќе се исфрлат камерите и големата батерија од 5000mAh. Главната плоча е практично затрупана со компоненти, вклучувајќи го Snapdragon 865 процесорот и X55 5G модемот.

Телефонот секако не е подобен за поправање од страна на корисниците, а дисплејот и батеријата се посебно тешки за сервисирање. Сајтот iFixit на Galaxy S20 Ultra моделот му даде оценка 3/10 (десетка се дава за најлесно поправање).